Фудбалскиот клуб Ливерпул објави дека ќе го повлечат дресот со број 20 во спомен на трагично загинатиот Диого Жота (29), кој го носеше тој број во англискиот клуб.
„Бројот 20 со право ќе биде повлечен поради неговиот придонес во освојувањето на 20-тата титула во сезоната 2024/25, кога го постигна последниот гол во својот живот во дербито на Мерсисајд против Евертон во април по неговиот карактеристичен пробив, се наведува на веб-страницата на клубот.
Како што е наведено, Жота изјави по освојувањето на Премиер лигата дека засекогаш ќе го памети тој момент.
„Дојдов до оваа посебна сезона со титулата што ја бркам со години, во најдобрата лига во светот, во која сонував да играм уште од дете, ова е момент што засекогаш ќе го паметам. Тоа е извонредно достигнување за едно мало момче кое дојде од Гондомар, каде што го имав овој сон“, рече Жота пред два месеци.
Според шпанската полиција, Жота и неговиот брат Андре Силва загинале во сообраќајна несреќа во покраината Замора во ноќта помеѓу средата и четвртокот. Португалскиот фудбалер одиграл 182 натпревари за Ливерпул и постигнал 65 гола, со 26 асистенции.
Во својата кариера, тој играше и за Вулверхемптон, Пакош Фереира и Порто. Одигра 49 натпревари за португалската репрезентација и постигна 14 гола, а беше и член на тимот што двапати ја освои Лигата на нациите.
Жота се ожени на 22 јуни оваа година и има три деца со сопругата Руте.