Вечерва од 21 часот на „Енфилд“ се среќаваат фудбалерите на Ливерпул и Реал Мадрид во 5. коло од Лигата на шампионите.
Двата светски гиганти повторно вкрстуваат копја во елитното натпреварување каде Реал во последните години е значително поуспешен. Некои играчи од актуелниот ростер на Ливерпул, а потоа и сите навивачи, се уште имаат кошмари од Киев и Париз, каде се одиграа две финалиња меѓу екипите. И двете отидоа во Реал иако Ливерпул имаше повеќе од играта во тие средби.
Во денешното издание на „Марка“ се пишува за вонредните односи меѓу клубовите, како и за средбата што ќе следи денеска во 13 часот. Тема: Трент Александар Арнолд!
Десниот бек на клубот од „Енфилд“ се уште нема потпишано нов договор со Ливерпул. Има одредени контакти, но нема конкретни информации и акција. Затоа, Трент, исто како и Мохамед Салах, моментално е најблиску до заминување, додека Вирџил ван Дајк е некој кој дефинитивно треба да остане.
Ливерпул сака да знае дали Реал е подготвен да направи потег за Трент оваа зима, особено со повредениот Дани Карвахал бидејќи не се подготвени да го пуштат како слободен играч кога ќе му истече договорот на крајот од сезоната. Премногу мирни се крај Мерсисајд бидејќи се презадоволни од она што им го пружа Конор Бредли кој го зазеде неговото место во последните два натпревари и беше доста пристоен.
Разговорот наводно ќе биде директен и денеска може да се одреди судбината на човекот кој беше една од клучните фигури во ерата на Јирген Клоп. Со Арне Слот неговата улога е поинаква, тој е нешто поповлечен, повеќе фокусиран на дефанзивата, за разлика од претходните сезони. Само две асистенции, сосема нетипични за најдобриот асистент во Премиер лигата меѓу дефанзивците во историјата.