Ливерпул ја потопи „Жолтата подморница“, се поблиску е финалето

од Nikola Popovski
298 прегледи

Фудбалерите на Ливерпул го совладаа Виљареал во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите со резултат 2:0.

Ливерпул беше подобар во поголемиот дел од првото полувреме, но не успеа да ја претвори својата иницијатива во предност на семафорот.

Најдобрата шанса „Црвените“ ја имаа во 42. минута. Тиаго Алкантара ја прими топката на средината од теренот, ја повлече неколку метри, а потоа шутираше силно кон голот на Рули, но неговиот удар се одби од десната статива на голманот.

На одмор се замин без голови, но во вториот дел Ливерпул беше решен да однесе предност на реваншот кој за шест дена ќе се игра во Шпанија.

Првиот гол го видовме во 53. минута. Домашниот капитен Џордан Хендерсон шутираше кон голот, топката го закачи Еступинан и заврши во мрежата.

Фудбалерите на Виљареал не успеаја ни да сфатат што се случи, а Ливерпул веќе ја удвои предноста. Овој пат стрелец беше Мане на асистенција на Салах.

Ливерпул имаше уште една шанса да поведе со поголема разлика, но во два наврати судијата Марчинијак ги поништи головите на Фабињо и Робертсон поради офсајд.

Ситуацијата на теренот и супериорноста на домашните можеби најдобро ја опишува статистиката која вели дека до 25 минути пред крајот на натпреварот „Жолтата подморница“ не упати ниту еден шут во рамките на голот на „црвените“.

До крајот на натпреварот Ливерпул ја контролираше играта и на крајот обезбеди победа која вреди злато пред реваншот во Шпанија.

Слични содржини