Љутков: Гостивар заслужува внимание и поддршка од Министерство за култура и туризам

од Nikola Popovski
23 прегледи

Денес, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со заменик-министерот, Седат Сулејмани, ја реализираа работната посета на Гостивар, каде што ги посетија културните институции и значајните културни објекти.

По пристигнувањето во Гостивар, тие беа пречекани од директорите на локалните културни установи кои ги претставија тековните активности и идните проекти кои се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам, но, и со проблемите со кои овие установи се соочуваат во текот на работењето. Министерот Љутков нагласи дека е важно да се поддржат културните активности во градот и да се решат предизвиците со кои се соочуваат овие институции.

Посетата започна во Центарот за култура АСНОМ, каде што директорот Фарије Адили ги сподели тековните проекти и идните планови на установата. Следуваше средба со директорите на Театар Гостивар, Сулејман Рушити, и Галерија Гостивар, Луан Зенки, кои исто така ги презентираа своите активности и предизвици.

Министерот Љутков заедно со заменик-министерот Сулејмани ја посетија НУ Конзерваторски центар, каде директорот Цветко Новаковски ги информираше за проектите за заштита на културното наследство во регионот. Особено беше нагласена важноста на објектите како што се Старата џамија во Равен, која е значајно културно наследство за Гостивар. Министерството за култура и туризам оваа година ќе инвестира 1.500.000 денари за дополнителни работи на џамијата.

“Денес, посетивме неколку објекти кои се значајно културно богатство на Гостивар. Во моментов сме пред Старата џамија во Равен, значајно културно наследство од 19 век, која подоцна била зафатена од пожар, па обновена. Во изминатите години на овој објект повеќепати е интервенирано. Оваа 2025 година за џамијата од страна на Министерството за култура и туризам доделени се 1.500,000 денари за обработка на дрвените делови во ентериерот; обработка на фасадата на минарето и да се заврши партерното уредување на дворот на џамијата.”- изјави Љутков.

Министерот Љутков ја посети и црквата Св. Димитрија, како и неколку други значајни објекти, вклучувајќи ја Беговата куќа, куќата на Ахмет Чако, Саат кулата и Старото Медресе.

Црквата Св. Димитрија е изградена во 1840 година и годинава ќе се реализира втората фаза на основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата со доделени 2.124.000 денари од Министерство за култура и туризам.

Министерот Љутков нагласи дека значајното културно богатство на Гостивар е причина овој град да биде привлечна дестинација за туристите, и дека Министерството ќе продолжи со својата заложба за реализација на проекти кои ќе ги заштитат и промовираат културните вредности во цела Македонија.

„Денешната посета на Гостивар е потврда за нашата посветеност кон културното наследство и богатството кое го носи овој регион. Културата не е само одраз на нашата историја, туку и основа на нашата иднина. Со поддршка на националните институции, работиме на зачувување и промоција на нашето културно наследство, кое е основа за развој на туризмот. Овој град е богат со уникатни историски споменици, од Старата џамија во Равен до Беговата куќа, кои сведочат за нашето минато. Затоа, наша основна заложба е да продолжиме со реализацијата на проекти кои не само што ќе ги заштитат нашите културни вредности, туку и ќе го направат Гостивар и Македонија атрактивна дестинација за сите кои сакаат да ја откријат нашата богата културна и историска традиција.“

Слични содржини