Со традиционалното дефиле под маски, денеска во Вевчани почна официјалниот дел од Вевчанскиот карневал, кој претставува едно од главните обележја на Вевчани за празникот Св. Василиј, односно Василица.
Во своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека Вевчанскиот карневал е од особено значење за културниот и туристичкиот развој на нашата земја и дека негувањето на оваа традиција е она што нè прави посебни, она што ни дава идентитет и гордост.
„Секоја година, на Василица, овој карневал со својата над илјадагодишна традиција нè обединува сите нас, сите добронамерници со карневалски дух од целиот свет. Ние сме горди на Вевчанскиот карневал бидејќи тој му порачува на светот дека македонскиот народ има обичаи и култура кои не изумираат, туку се пренесуваат од генерација на генерација. Министерството за култура и туризам и годинава, како и во годините што доаѓаат ќе продолжи со континуираната поддршка на овој наш национален бренд кој придонесува не само за културниот, туку и за туристичкиот развој на нашата земја“, рече Љутков.
Дефилето почна од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде што маскираните го вртат василичарското оро. Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам.
Манифестацијата ќе заврши со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.