Љутков се поставува над судската власт – платите во културата мора да се зголемат за 10%, порачаа од партијата на Апасиев

„Љутков со упатство поништува судски пресуди за плати во културата“, велат од Левица

од Nikola Popovski
37 прегледи Фото: Локално

Синдикатот на култура на Република Македонија денес излезе со ново соопштение во кое реагира против самоволието на министерот за култура, Зоран Љутков, за непочитување на колективните договори но и на судските пресуди. Левица остро реагира на, како што велат, ваквото самоволие на министерот, кој наместо да спроведе судски пресуди повторно се обидува да ги поништи правата на вработените во културата.

-Со т.н. „упатство“, министерот ја враќа веќе прогласената незаконска формула за пресметка на платите, иако, како што посочува СКРМ, судот јасно утврдил дека платите мора да се зголемат за 10% согласно Општиот колективен договор.

Со вакво однесување министерот директно го нарушува владеењето на правото и се поставува над судската власт, колективните договори и законите. Ова не е административен пропуст туку свесно игнорирање на судска одлука и опасен преседан со кој извршната власт си зема за право да редефинира веќе утврдени работнички права, велат од партијата на Димитар Апасиев.

Левица ги поддржува ставовите и барањата на СКРМ и укажува дека платите во културата не смеат да се пресметуваат според желбите на министерот туку исклучиво согласно законот и колективните договори.

-Секој обид за релативизирање и непочитување на судските пресуди претставува директен удар врз правата и достоинството на вработените во културата. Левица ќе продолжи јавно и институционално да се спротивставува на ваквите злоупотреби и ќе инсистира на целосна одговорност за секое кршење на законите и колективните договори, стои во партиското соопштение.