Љутков: Струмица добива нова културна енергија: Четири големи проекти стартуваат годинава

од Даниел Ѓорѓиевски
26 прегледи

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес ја посети Општина Струмица и најави четири капитални проекти кои ќе бидат реализирани во текот на оваа година. Според него, овие инвестиции ќе имаат значајно влијание врз зачувувањето на културното наследство и унапредувањето на инфраструктурата во регионот.

„Овие проекти не само што ќе ја подобрат инфраструктурата, туку и ќе придонесат за зајакнување на нашето културно наследство и подобрување на животот на граѓаните,“ изјави министерот Љутков.

Најавените проекти вклучуваат:

Конзервација, реставрација и санација на црквата Свети Кирил и Методиј – Министерството ќе инвестира 15 милиони денари во овој значаен проект, кој ќе биде реализиран во соработка со Завод и музеј Струмица. Јавната набавка се очекува да биде распишана овој месец. Довршување на Стариот струмички театар – Овој објект, кој со години беше запоставен, повторно е во фокусот на Министерството. За неговата целосна реконструкција се издвоени над 196 милиони денари. Проект за кровна конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско – Со финансиска поддршка од Европската Унија, проектот, вреден 25 милиони денари, ќе обезбеди нова кровна конструкција, како и инфо пункт за туристите. Санација на кровот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча – За овој значаен културно-историски споменик, ќе бидат издвоени 1,2 милиони денари.

Во рамките на посетата, министерот Љутков оствари и работна средба со директорот на ЦК „Антон Панов“, Драган Маџиров, со кого разговараше за тековните активности и идните културни програми.

„Очекувам богата културна програма и зголемување на активностите во Струмица, што ќе доведе до значителен напредок во културниот живот на оваа општина,“ додаде Љутков.

Министерството за култура и туризам очекува овие проекти да придонесат кон развојот на културното наследство и подобрување на условите за граѓаните на Струмица.

Слични содржини