ЛК: Пациентите на хемодијализа со висок ризик за смрт од ковид-19, треба да бидат во приоритетна група за вакцинација

274 прегледи

Пациентите со хроничната бубрежна болест, како и оние со трансплантација на бубрег имаат зголемен ризик за тешка форма на ковид-19 лош исход, поради што е неопходно да бидат ставени во приоритетна група за вакцинација, како и строго да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од вирусот, потенцираше научниот соработник д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ од Универзитетска клиника за нефрологија на неделната дебата во Лекарската комора, која редовно се организира со цел размена на информации и искуства во лекувањето на пациентите со ковид-19 меѓу здравствените професионалци од сите нивоа на здравствениот систем.

Од досегашната пракса се знае дека најчести придружни хронични болести кај пациентите со ковид-19 се дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, артериска хипертензија, срцеви аритмии, хронична бубрежна болест, малигни заболувања, исхемична срцева болест и прекумерна дебелина.

„Вирусот најголемо засегање има на белите дробови, но таргет органи за SARS-CoV-2 вирусот се и бубрезите, црниот дроб, крвните садови, дебелото црево. Бубрежна манифестација кај пациенти инфицирани со ковид-19 може да биде со широк дијапазон на симптоми и да варира од појава на хематурија, односно крв во урината и умерена протеинурија, односно протеини во урината, до манифестирање на изразено акутно бубрежно оштетување”, изјави д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ.

Податоците покажуваат дека 20% од хоспитализираните пациенти и повеќе од 50% од пациентите хоспитализирани во единиците на интензивна нега развиле акутно бубрежно оштетување, што се сметаат за висока бројки.

Пациентите со хронични бубрежни заболувања, особено оние кои одат на хемодијализа се изложени на зголемен ризик од инфекција бидејќи имаат потреба секој втор ден да одат во дијализните центри во болниците. Таму дури и да се запази дистанцата и заштитните маски тие остануваат четири до пет часа во затворен простор со други пациенти и медицински персонал.

“Податоците од американска ретроспективна студија која следела 7948 пациенти на хемодијализа во период од пет месеци покажале дека 438 пациенти (5.5%) заболеле од ковид-19, од кои 109 пациенти починале, односно скоро 25% од заболените. Ова укажува на сериозна вулнерабилност на хемодијализните пациенти поради нивните придружни заболувања и намалениот имунитет, што ги прави навистина високоризична популација”, изјави д-р Рамбабова Бушљетиќ.

Во нашата држава од вкупно 1.608 пациенти на дијализа, со ковид-19 се инфицирале 288 (14,1%), а починале 49 пациенти, односно 17% од заразените. Од 228 трансплантирани пациенти со вирусот се инфицирале 17 (7,4 %), а починале двајца.

Д-р Рамбабова Бушљетиќ даде објаснување и за намалениот број на трансплантации на бубрези кои се прават изминатава година.

„Препораките од светските реномирани стручни здруженија беа дека во земјите каде има високо распространето ширење на вирусот трансплантациите од кадавер, односно пациент во состојба на мозочна смрт треба да се одложат, доколку пациентот не е во животно загрозувачка состојба и има пристап до дијализа. Истото важеше и сè уште важи и за трансплантациите од жив дарител. Се смета дека пред трансплантацијата пациентите и донорот треба две недели да се во изолација, но пациентите на дијализа трипати во неделата мора да одат на дијализа, поради што тешко може да се овозможи изолација”, појасни Рамбабова Бушљетиќ.

Во однос на вакцинирањето препораките акцентираат да се даде приоритет на пациентите со хронична бубрежна болест и трансплантираните пациенти. За пациентите со активно автоимуно заболување приоритетот треба да се постави на лекување на основната болест, а вакцинацијата да се одложи.

Една година по прогласувањето на пандемијата вирусот сè уште е во голем замав, вирусната инфекција афектира 232 земји и територии низ светот, со повеќе од 117 милиони потврдени случаи и над 2.6 милиони починати пациенти. Соединетите Американски Држави и Eвропа актуелно се најафектирани региони од коронавирусната инфекција, додека Кина каде беше официјално регистриран првиот случај бележи прогресивно намалување на нови заболени.

Слични содржини