Министерот за правда Кренар Лога присуствуваше на последниот состанок на работната група која го подготвува новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Предлагач на законот е Министерството за правда а со работната група претседава Славица Грковска,Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење.
Со овој закон ќе се оневозможи располагање со имот и имотна корист која не може да се докаже дека е стекната од законски извори што ги прави противправните дејствија неисплатливи и овозможува ефективна борба против криминал и корупцијата.
Mинистерот пред присутните членови на работната група посочи дека овој закон е од исклучително значење и без него не може да се спроведува борбата против криминалот и корупцијата .
Предметот на постапката уредена со овој закон опфаќа имот во или надвор од Република Северна Македонија кој е во сопственост на физички и правни лица лица
Со овој закон се овозможува признавање и извршување на странски одлуки за конфискација во граѓанска постапка, како и меѓународна соработка со надлежни органи со цел оневозможување на располагање со имот кој не е стекнат од законски извори.
Услов за поведување на постапката за утврдување на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори согласно овој закон е ако:
а) има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и
б) нето вредноста на имотот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори надминува 30000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија.
Надлежен орган за прибирање на податоци за имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори е Управата за финансиска полиција која може да поднесува иницијатива до Државниот правобранител за определување на мерка за обезбедување на имот.
Текстот на предлог законот ќе биде испратен на мислење на Венецијанската Комисија и Европската Комисија.