Лога до Таравари: Новиот субјект би требало да се нарече „Алијанса за услуги на Мицкоски“

од Nikola Popovski
63 прегледи

Потпретседателот на Алијансата за Албанците, Кренар Лога реагираше откако Арбен Травари објави дека „повторно ја вратил Алијанса во негови раце“. Лога објави дека Таравари не го добил случајот за печатите на АА, бидејќи како што истакна, предметот е повторно вратен во Основниот суд во Тетово.

„И по притисокот на Таравари и неговиот газда, тој не го добил предметот за „печатите на АА“. Предметот за легитимноста на Алијансата за Албанците се вратил на повторно судење во Основниот суд во Тетово.

АУМ – Алијанса за услуги на Мицкоски би било во право да се нарече новиот субјект по разделбата од нашата партија. 100 дена владеење со ВМРО-ДПМНЕ ја докажаа квислиншката активност во секоја секунда.

П.с И во Апелациониот суд во Гостивар сменета е судијката, ама… нема врска друже, не спомнувај бидејќи во наша корист е“, напиша Лога на социјалните мрежи.

Претходно од крилото на Алијанса информираа дека Апелацискиот суд во Гостивар го вратил предметот за политичката партија на повторно судење и ги прифатил жалбите поднесени од правниот застапник на Таравари.

„Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходното решение донесено од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и беа сменети неколку судии се додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда, Кренар Лога дека печатите на партијата им припаѓаат на фракцијата што премина во ДУИ.

Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари“, стоеше во соопштението од крилото на Таравари.

Според Таравари, со последната одлука на судот АА се враќа во своето членство.

„Алијансата за Албанците е наша! Апелациониот суд одлучи дека партијата Алијанса за Албанците и припаѓа на апсолутното мнозинство. Партијата му се враќа во членството! Честитки до сите!“, објави министерот за здравство на социјалните мрежи.

Слични содржини