Лога добил определен рок од Турција за екстрадицијата на Палевски

од Nikola Popovski
379 прегледи

Министерот за правда, Кренар Лога денеска појасни дека Република Турција соопштила определен рок за екстрадицијата на главниот осомничен Љупчо Палевски за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

-При нашата официјална посета на Турција ни беше кажано дека кај нив е завршен судскиот дел и останува само административниот дел. Според нивните правила, мора прво да се потпише нивното МНР, а потоа министерот за правда и очекувам дека тоа ќе се случи брзо, истакна министерот.

Според Лога, такви биле најавите од неговиот турски колега.

Околу евентуален определен рок за екстрадиција, Лога добил известување од Турција, но не сакаше да го изнесе во јавност, бидејќи вели тоа зависи од нив, а не од нас.

-Нема друга официјална комуникација освен тоа што веќе сите постапки се на време. Баравме дополнителна информација кога би била екстрадицијата, рече Лога одговарајќи на новинарски прашања.

Што се однесува до Палевски, доколку и кога ќе биде екстрадиран во земјава, тој веднаш ќе биде спроведен во казнено-поправна установа бидејќи веќе му е одреден притвор во рамките на истражната постапка што Основното јавно обвинителство Скопје ја отвори за случајот кој ја потресе македонската јавност, но и регионот.

Лога на почетокот на февруари изјави дека „во прашање се денови за испорачување на Палевски во Македонија“.

Слични содржини