„Одбивањето на употребата на албанскиот јазик од страна на Уставниот суд не е само прекршување на законот, туку е флагрантно прекршување на самиот уставен поредок на Република Северна Македонија“ – вака објави екс-министерот за правда и член на Алијансата на Албанците, Кренар Лога на социјалните мрежи, прикажувајќи писмо со решение кое го добил од Уставниот суд.
Според Лога, Законот за употреба на јазиците, поддржан од Уставот и Охридскиот договор, е задолжителен за сите институции, вклучително и Уставен суд. Вели дека „кога како граѓанин поднесува барање на албански јазик, не бара привилегија, туку остварува едно основно право гарантирано со закон“.
-Фактот што 10 пати по ред Уставниот суд ми одговара само на еден јазик, игнорирајќи го албанскиот јазик, сведочи за институционален менталитет на дискриминација и потценување кон половина од населението во државата. Ова не е само негрижа – ова е отворен предизвик на законот, политичка ароганција и албанофобичен пристап. Орган кој треба да биде гарант на уставноста и еднаквоста го користи својот авторитет за да ја зајакне нееднаквоста и да испрати порака дека законот важи селективно. Ако самите „чувари“ на Уставот го прекршуваат, тогаш правната држава се руши од темелите, смета поранешниот министер.
Лога оценува дека „албанските граѓани во Македонија, не можат да прифатат нивните јазични права да бидат претворени во декор за меѓународна пропаганда, додека во државата се третираат како административна пречка“. Според него, како што вели, ваквиот двоен стандард е неприфатлив.
-Време е за итна интервенција, било од Собранието, било од меѓународниот фактор, затоа што прекршувањето на законот од страна на Уставниот суд е најтешкиот удар што може да му се нанесе на демократијата во оваа држава, порача членот на АА.