Министерот за правда, Кренар Лога ја посети Академијата за судии и јавни обвинители каде беше запознат со начинот на функционирање и активностите на институцијата како и новиот Закон за Академија на судии и јавни обвинители.
На средбата со директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска се разговараше за можноста да станеме дел од Европската мрежа на правосудните институции, за што министерот Лога се обврза дека ќе се подготви Информација која ќе се достави до Владата.
Еден од проблемите со кои се соочува Академијата е немањето на соодветни просторни и технички услови за нормално функционирање.
Лога ја информираше Габер-Дамјановска дека со цел да се отстранат сите сомнежи околу полагањето на правосудниот испит и испитите за нотари, извршители и судски преведувачи добро би било во иднина тие да се полагаат во Академијата за судии и јавни обвинители а не во Министерството за правда.
Констатирано е дека со новиот закон се овозможува стекнување на унифицирано уверение за завршена почетна обука за судија и јавен обвинител.
Измените предвидуваат воедначување на судската пракса преку зголемен обем на обуки на судиите во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, како и редефинирање на начин на полагање на приемниот и завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите.
Исто така, слушателите во почетна обука, во периодот од донесување на Законот за АСЈО од 2015 година до денес, се соочуваа со проблем кој се однесуваше на пресметката во однос на основната компонента на платата на судските и јавнообвинителските службеници, бидејќи со Законот за судска служба од 2015 година е направен прeвид, не е предвиден бод за звањето „виш судски соработник”, а истото не се предвидува ниту во неговите измени од 2022 година, со што директно беа оштетени и слушателите на почетна обука во Академијата, бидејќи нивната плата беше пресметувана согласно бодовите за звањето „судски советник”.
Во таа смисла, со измените во новиот Закон за Академија, се надмина и овој проблем, така што сега, платите на слушателите во почетна обука се изедначени со платите на виш судски/ јавнообвинителски советник во основен суд/ основно јавно обвинителство.
Академијата, од основањето до денес, континуирано покажува резултати во работењето и до сега продуцира 8 генерации на 188 успешно завршени кандидати за судии и јавни обвинители, од кои 148 извршуваат функција судија и јавен обвинител, а 40 кандидати за судии/јавни обвинители чекаат избор за да стапат на функција, додека во тек е практичната настава на 97 слушатели и примениот испит за 130 кандидати за слушатели за новата генерација во почетна обука.