Министерот за правда, Кренар Лога денеска ги потпишал барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани. Како што велат од ресорот правда, барањата откако ќе бидат преведени ќе бидат проследени до МНР на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати.
Министерството за внатрешни работи пред две недели распиша меѓународна потерница по Шеваљ Муареми, водачот на криминална група „Дуќанџик“ од Грчец.
„МУАРЕМИ ШЕВАЉ, татко Азби, мајка Азбије, роден 18.11.1977 година во Скопје, живее на улицата 5 бр. 1, с. Грчец општина Сарај. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО за ГОКК – Скопје со наредба КО БР. 15/24 од 30.1.2024 година. Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл. 123 ст. 2, чл. 394 ст. 3 и чл. 215 ст. 3 од КЗ на РСМ“, пишува на веб-страницата на МВР.
Со потерница се бараат уште седум лица, меѓу кои и Чајани, осомничени дека се членови на неговата група Дуќанџик од родното село на Шеваљ. Според последните информации, едно од лицата се наоѓа во Каталонија, Шпанија, во притвор за друго кривично дело.