Судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, судијата Лазар Нанев се ослободува од функцијата член на Советот за ИКТ и со тоа од функцијата претседател на ова тело, информираше денеска министерот за правда Кренар Лога.
-По добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирав дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија. При тоа, морам да истакнам дека евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија, истакна Лога.
-Исто така, сакам да ја информирам јавноста дека до Судскиот совет доставив допис со барање за отворање на постапка за утврдување на одговорност/неодговорност на судијата и Претседател на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев. Во оваа прилика сакам да и појаснам на јавноста дека и до Судскиот совет во изминатиот период се доставени низа писмени дописи од Советот на јавните обвинители и Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со поднесоци од граѓани за работата на судијата кој воедно е и Претседател на Основниот суд Кавадарци. И покрај фактот што во доставените материјали се присутни сериозни наводи кои укажуваат на нарушен интегритет на судија како и индиции за можни злоупотреби и евентуални влијанија отсуствува постапувањето на Судскиот совет, додаде министерот.
Министерството за правда, кажа Лога, покрај сите превземени обиди не успеа да дојде до сознанија за било какви мерки кои Судскиот совет ги има преземено со цел испитување на фактичката состојба и утврдување на одговорност врз основа на сите доставени писмени наводи и индиции за судијата и Претседател на судот во Кавадарди.
-Ја користам оваа прилика уште еднаш да го повикам Судскиот совет како самостоен и независен орган чија основна функција е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт веднаш да отвори постапка за утврдување на одговорност за судијата и Претседател на Основниот суд Квадарци, како и во најкус можен рок да постапи по законската обврска за објавување на записникот од 454-тата седница на Судскиот совет одржана на 13-ти септември 2023 година со цел превземање на конкретни дејствија во рамки на законските надлежности. Воедно, побарав од Комисијата при министерството за правда за надзор над функционалноста на АКМИС во судовите во најитен можен рок да спроведе надзор над функционалноста на АКМИС во Основниот суд Кавадарци, а кој инаку е предвиден во Годишниот план за надзор, посочи министерот на денешниот брифинг со медиумите.