Како што се наближуваат локалните избори, така се кројат и планови за можни коалиции меѓу политички партии кои ќе настапат на изборите со свои кандидати за градоначалници и листи за советници, како во македонскиот, така и во албанскиот политички блок. Калкулации има насекаде, а со различни имиња за градоначалници и советнички листи се лицитира секојдневно.
За моменталните случувања во албанскиот политички блок „Локално“ побара став од поранешниот министер за правда, и член на Алијансата за Албанците од крилото на Зијадин Села, Кренар Лога. Поранешниот прв човек на правда истакна дека како политичар-опозиционер не може да го сокрие задоволство за моменталната ситуација во која се наоѓа владејачката коалиција-ВЛЕН, но од друга страна Лога нагласуда дека како граѓанин гледа со доза на страв и загриженост бидејќи политичката нестабилност според него носи одредена цена. Лога смета дека најдобро решение за ВЛЕН би било обединување во една политичка структура, што, според него, би придонело за политичка стабилност во државата.
„Како политичар, не можам да го сокријам задоволството на опозиционерот, но како граѓанин на Северна Македонија, свесен сум дека секоја нестабилност на политичката сцена носи одредена цена. Отсекогаш сум посакувал и сè уште посакувам да се обединат во една политичка структура, односно во една единствена партија, бидејќи на државата ѝ е потребна стабилна и консолидирана политика“, изјави Лога.
Според него, кризата меѓу партнерите на коалицијата ВЛЕН произлегува од недостаток на единство и нивниот неуспех да се наметнат како победничка алтернатива меѓу Албанците. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ вешто ја искористила оваа ситуација, дополнително да ги разедини и да го зголеми јазот внатре во коалицијата.
„Оваа криза меѓу партнерите на ВЛЕН произлегува од недостаток на единство и нивниот неуспех да се наметнат како победничка алтернатива меѓу Албанците. ВМРО знаеше како да ја искористи оваа ситуација, па на секој чекор ги користеше, разединуваше и доведуваше во прашање по секое јавно појавување на претставниците на овие пет политички партии“, заклучува Лога.
Веста за несогласувањата во коалицијата одекна во јавноста откако дел од медиумите на албански јазик објавија дека еден од лидерите на ВЛЕН и министер за здравство, Арбен Таравари, размислува да ја напушти коалицијата составена од четири политички партии. Според наводите, причината за несогласувањето била распределбата на кандидатите за локалните избори во октомври, а се шпекулира дека Таравари побарал најмалку 40% од кандидатите да му припаднат на крилото на Алијансата за Албанците, кое го предводи токму тој.
По овие наводи и шпекулации, министерот за здравство Таравари во изјава за медиумите нагласи дека состојбата во коалицијата е релативно стабилна и дека тој нема да ја напушти ниту коалицијата, ниту министерската позиција.
„Во коалицијата ВЛЕН состојбата е релативно стабилна. И во владината коалиција досега сè е во ред“, изјави неодамна Таравари.
Од друга страна, вчера на брифинг со медиумите, еден од коалициските партнери на Таравари во ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Билал Касами, истакна дека коалицијата има усогласени ставови за локалните избори, но првиот човек на „Беса“ потенцираше дека Таравари настојувал на локалните избори да излезат со посебни советнички листи.
„Тој (Таравари) смета дека со одделно настапување секоја партија би освоила повеќе гласови, што би значело поголем легитимитет на локалните избори. Но, останатите субјекти во коалицијата веруваат дека нивната вредност е поголема кога се обединети. Сега останува Алијансата за Албанците да донесе одлука дали ќе биде дел од коалицијата или ќе настапи самостојно“, изјави Касами на брифинг со новинарите.
Иако постојат различни мислења, тој нагласи дека во коалицијата „Вреди“ нема поделби што би довеле до конфликти, туку се водат конструктивни дебати.
„За разлика од претходните процеси, каде што имаше дури и физички пресметки во рамките на одредени партии, кај нас доминира идејата за заеднички настап. Се разговара, има различни ставови, но на крајот верувам дека ќе донесеме заедничка одлука и ќе настапиме обединето, и со кандидати за градоначалници, и со советнички листи“, истакна Касами.
Инаку, ВЛЕН е составена од Движење Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Демократско Движење. Демократското движење, чиј лидер е Изет Меџити, ја доби позицијата прв вицепремиер, функција што ја извршува самиот Меџити, кој воедно е и министер за животна средина. Арбен Фетаи, од редовите на Таравари, е вицепремиер за добро владеење. Орхан Муртезани, од Алтернатива, е министер за европски прашања, додека Фатмир Лимани од Беса и Бесар Дурмиши ги делат министерствата за социјална политика, демографија и млади, како и економија и труд. Од Алтернатива доаѓа и првиот човек на Собранието, Африм Гаши, кој беше претседател на оваа партија до назначувањето за претседател на законодавниот дом.
Д.Ѓ.