Лога: Присуството на седници, без право на глас, не влијае на носењето одлуки на Судскиот совет

од Vladimir Zorba
289 прегледи

Присуството на министерот за правда на седници, без право на глас, не влијае на носењето одлуки и законското работење на Судскиот совет (СС), наведува министерот за правда Кренар Лога во соопштение откако денеска беше укажано дека тој како член по функција на СС не го известува ова тело за отсуства од седниците.

Лога потсетува дека во изминатите години неколку министри за правда не присуствувале на седниците на Судскиот совет поради препораката на ГРЕКО за укинување на членството на министерот за правда по службена должност во ова тело.

– Веднаш по стапувањето на функцијата министер го известив Судскиот совет и побарав да се почитува препораката на ГРЕКО и да се интервенира во Уставот со бришење на оваа одредба, во спротивно најавив дека ќе присуствувам на сите седници на Судскиот совет на кои имам право како член по функција затоа што Уставот мора да се почитува, наведува Лога.

Со писмен допис, дополнува, го информирав Судскиот совет да направи разграничување на седниците и да ме информира за оние на кои можам да присуствувам.

-Како што е наведено во Законот, членовите на Советот по функција не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд. Со оглед на тоа што во последниот период се случија низа нерегуларности во работењето на ова тело каде во голема мера се наруши кредибилитетот на неговите членови а довербата на јавноста се сведе на најниско ниво, како и посeтата на Оценската мисија на ЕУ која ја скенираше состојбата во Судскиот совет по низата скандали и превирања, одлучив да не присуствувам на седниците исто како што тоа го правеа моите претходници, стои во соопштението од Министерството за правда.

На денешната седница на Судскиот совет беше посочено дека министерот за правда Кренар Лога и претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, кои се членови по функција на СС, иако уредно поканети не се присутни и не го известиле советот за нивното отсуство.

Слични содржини