Лога разговарал со Абази за предметот за модуларните болници

од Nikola Popovski
244 прегледи

Министерот за правда Кренар Лога на своја иницијатива се сретнал со шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

На средбата меѓудругото, се разговарало за постапката која е во тек во ова обвинителство во врска со тендерот за набавка на модуларните болници, во рамките на која се преземаат дејствија со цел испитување на сите околности, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Во однос на другите прашања, се дискутирало и за новата Стратегија за развој на правосудниот систем 2023-2027 како и реформите кои ќе бидат опфатени со неа.

Јавниот обвинител Абази го информираше министерот за правда Лога дека е финализирана последната јавна набавка за уредување на новиот објект во кој наскоро ќе се пресели Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во овој објект значително ќе бидат подобрени просторните услови за работа на јавните обвинители, а ќе биде опремена и современа форензичка лабараторија која значително ќе го олесни вештачењето на доказите, велат од Правда.

Координативни средби ќе продолжат да се одржуваат и во наредниот период.

Лога вчера оствари средба и со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, при што разговарале за текот на постапките кои ги водат Основното јавно обвинителство Тетово и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово.

Слични содржини