Лога смета дека државата треба да ѝ помогне на ромската заедница со финансирање за да добијат возачки дозволи

„Пред да судиме и да предрасудуваме, оваа наша ромска заедница, која со години е оставена на маргините, треба да биде поддржана“, смета екс-министерот за правда

од Nikola Popovski
29 прегледи

За протестите на дел од граѓаните од ромска националност поради неколкуте одземени возила поради немање возачки дозволи, дел од јавноста излезе со поддршка. Според екс-министерот за правда и поранешен член на АА, Кренар Лога, државата треба да им излезе во пресрет при нивното барање да полагаат возачки испити.

„Секој од нас треба да го почитува законот без исклучок. Меѓутоа, пред да судиме и да предрасудуваме, оваа наша ромска заедница, која со години е оставена на маргините, треба да биде поддржана. Тоа воопшто не би претставувало трошок за државата или за општините (имајќи предвид дека речиси сите кандидати за градоначалник во своите програми имаа слична мерка) да го финансираат стекнувањето на возачка дозвола за овие мажи и жени, кои се грижат за и ги издржуваат своите семејства“, објави Лога.

Премиерот Христијан Мицкоски побарал од министерот Панч Тошковски итна и остра реакција против сите лица кои ги нарушија јавниот ред и мир за време на протестите против „Безбеден град“.

„Секој оној кој го прекршил законот, јавно упатил закани и го загрозил мирот на граѓаните ќе одговара за да не се повтори тоа дивеење што се случи“, вели тој.

На вчерашните протести во битолско и лочанско, група граѓани вчера палеа гуми, отпад и дрва, блокирајќи ги коловозите во знак на протест поради одземањето на возилата кои ги управувале без возачка дозвола. Жители на неколку ромски населби кои излегоа на блокадите обвинија за дискриминација, тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.