Лога за печатите на Алијанса: Не се сопственост на оној кој го напушти својот политички дом

од Nikola Popovski
292 прегледи

Коалицијата Европски Сојуз за Промени има традиција да ги остава на улица партнерите на коалициите кои тие ги основаат. Некои како ,,МОЖЕМЕ”, некои се самокиднапираат, некои не се одделуваат од Мицкоски, а некои не се одлепуваат од власта, исто како што ги менуваат и имињата на овие коалиции., вели членот на Алијанса за Албанците и министер за правда, Кренар Лога по денешниот став на коалицијата „ВРЕДИ“ во однос на партиските печати на АА.

Според него, печатите на АА не се во индивидуална сопственост, уште помалку на, како што вели, оној кој го напушти својот политички дом.

-Што се однесува до ултиматумите, користете ги со ВМРО-ДПМНЕ, а не со Алијансата за Албанците, порача Лога.

Здружената албанска опозиција им даде рок до сабота на крилото на Зијадин Села доколку ги сакаат печатите на АА за да учествуваат самостојно на изборите.

-Зијадин Села и Кренар Лога смислиле евтино алиби зошто ќе одат спротивно од волјата на мнозинството Албанци. Арбен Таравари јавно им ги понуди печатите на Алијанса на Албанците ако навистина се определени за самостоен настап на изборите. Затоа и го направија расколот во АА. Искрено жалиме што Села и Лога ги ставија личните пред интересите на Албанците кои јасно и недвосмислено се определени да го испратат ДУИ во опозиција. Има време до сабота, ако случајно се премислат, ќе ги добијат печатите на АА за пратенички листи за самостоен настап, порачаа од коалицијата „ВРЕДИ“.

Синоќа Села во дебатна емисија изјави дека неговата партија има две опции – или да не учествува на изборите или да биде дел од заедничка коалиција.

-Имајќи во предвид дека судискиот процес за тоа кому припаѓа печатот на партијата Алијанса за Албанците не е завршен, а по се изгледа дека нема да се заврши во законскиот рок, ние нема да можеме да одиме сами на избори. Ни остануваат два избора, или да не учествуваме на изборите, или да се приклучиме на еден од двата формирани албански блокови. Сепак, Централното собрание на партијата ќе одлучи за следните наши чекори, рече Села во емисијата „Клик плус“.

Алијанса за Албанците се подели во две крила – едно на актуелниот лидер на партијата и претседателски кандидат на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари и другото на поранешниот претседател на партијата и пратеник во Собранието, Зијадин Села.

Слични содржини