Лога за повлекувањето на Ахмед: Вистинските виновници се ВЛЕН, ѝ било кажано дека се е само формалност и дека гласовите за нејзин избор се обезбедени

„Со моралното повлекување од кандидатурата, Џихан заслужува само почит - ништо повеќе, ништо помалку. Ниту еден навредлив или тенденциозен коментар не смее да биде демотивирачки фактор за пробивање на професионалниот пат“, вели екс-министерот за повлекувањето на Ахмед од трката за член на КСЗД

од Nikola Popovski
28 прегледи

По реакциите во јавноста по нејзиното претставување во Собранието и фактот дека Џихан Ахмед ја повлече кандидатурата за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, екс-министерот и поранешен член на АА, Кренар Лога вели дека Ахмед имала лош ден на своето претставување во Собранието, но ги обвинува претставниците на ВЛЕН.

Тој смета дека „со голема веројатност ѝ било кажано дека се е само формалност и дека гласовите за нејзин избор се обезбедени“.

-Токму ова е стапицата во која би паднале над 90% од сите оние кои претходно биле избрани на позиции од ова ниво, без да поминат низ интервју од ваков тип. Сепак, вистинските виновници се претставниците на ВРЕДИ, односно оние кои ги менаџираат кадровските прашања, затоа што не ги подготвуваат своите кандидати за „тешко“ (телевизиско) интервју и за настап во собраниската сала. Не сите се навикнати на камери, ниту пак на највисоката институција во државата, истакнува Лога.

Според него, со моралното повлекување од кандидатурата, Џихан заслужува само почит и ништо повеќе, ништо помалку.

-Ниту еден навредлив или тенденциозен коментар не смее да биде демотивирачки фактор за пробивање на професионалниот пат и кариерата на една млада жена, а во овој случај професорка. Јас лично не ја познавам Џихан, но јавно и порачувам дека, исто како и таа, сите ние сме имале моменти на слабост, колебање или моментално незнаење. Тоа не треба да биде пречка или причина за повлекување; напротив, треба да биде поттик за посилен повраток, таму каде што му припаѓа секој поединец кој има амбиција да го направи најдоброто за своите деца и за целото општество, стои во ставот на поранешниот министер за правда.

Ахмед која пред Комисијата за избори и именувања, наместо за Истанбулската конвенција, зборуваше за Кемал Ататурк, официјално ја повлече кандидатурата.

На нејзината кандидатура реагираа од Мрежата за заштита од дискриминација кои укажаа дека според Законот, член на Комисијата за заштита од дискриминација мора да има најмалку седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои најмалку пет години во сферата на еднаквост и недискриминација. Анализата на јавно достапното CV на Ахмед покажува дека таа нема релевантно работно искуство во овие области.

Нејзиното досегашно професионално искуство е стекнато во приватни компании, како универзитетски асистент и професор во средно училиште, со фокус на корпоративна безбедност, што, според критиките, не ја квалификува за функцијата во Комисијата.