Министерот за правда Кренар Лога испрати писмен допис до Судскиот совет на Република Северна Македонија во кој се бара советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето дадено од страна на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-Скопје , за судијата Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки тест за личност и тест за интегритет.
Во мислењето на Институтот наведено е дека Снежана Манев, кандидатка за Претседател на суд, била тестирана на 04.07.2023 година. Поради замор манифестиран во тестовна ситуација не била во можност до крај самостојно да го пополнува психолошкиот тест на личност и тестот за интегритет поради што стручните лица препорачуваат таа повторно да полага на 14.07.2023 год.
„Укажуваме дека со ваквото постапување се создава нова незаконита пракса за лице што веќе еднаш не го положила тестот да добие можност повторно да го полага истиот. Воедно, со ваквата постапка од субјективни причини се отвора прашањето, дали на судијата Манев и е овозможено да полага тест за интегритет спротивно на законските одредби“, вели Лога.