Министерот за правда Кренар Лога очекува екстрадиција на девет лица во земјава, како што вели, „со што еднаш засекогаш правната држава ќе профункционира и вистински, а не само на хартија“.
-За Никола Груевски останува да одговара за 9 предмети пред домашните судови и со писмо ќе поднесам ново барање за негова екстрадиција, при што ќе биде наведено дека ќе биде преместен во хашките ќелии, што верувам дека би било прифатливо за унгарските институции дека тие ќелии ги исполнуваат меѓународните стандарди за таква намена, кажа Лога на брифингот со новинарите.
Државата има побарано екстрадиција и за поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујовски и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои се гонат за случајот „Таргет-тврдина“.
-Недозволиво е европски земји како Грција и Унгарија, да не ни помагаат во спроведувањето на законитоста, порача Лога.
Поранешниот премиер Никола Груевски доби азил во Будимпшета со образложение дека Северна Македонија нема добри услови во затворите за таа категорија осуденици.