Европската унија ќе обезбеди меѓународна заштита за околу 500 Авганистанци кои и помогнаа на теренот во изминатите дваесет години, но товарот од можните бранови миграции од таа земја ќе мора да го преземат соседите на Авганистан, рече Анже Логар, словенечкиот министер за надворешни работи, чија земја претседава со Советот на ЕУ.
На вчерашниот состанок, европските министри за надворешни работи се согласија дека земјите -членки треба да обезбедат солидарност и помош за оние што работеле како преведувачи за европската дипломатска служба или како локални логистичари и за членовите на нивните семејства, бидејќи сега се соочуваат со „смртна казна“ во Авганистан.
Логар во интервју за Словенечката телевизија, додаде дека во тек се подготовките за што побрзо да бидат префрлени во Европа, каде што ќе им се обезбеди соодветна заштита.
Според Логар, товарот на таа операција заеднички ќе го понесат земјите -членки.
Во исто време, Логар посочи дека министрите за надворешни работи на земјите -членки вчера се согласија дека актуелната кризна состојба во Авганистан не смее да доведе до нов бран миграција кон Европската унија.
„Сите ние посочивме дека нема да има миграциски бран како оној во 2015 и 2016 година. Во овој случај, Европската унија ќе ги обезбеди сите средства за постигнување договори со соседните земји, односно со Авганистан, за да го сноси товарот на овие можни миграциски текови“, рече Логар во интервју за Словенечката телевизија.
На денешниот состанок на европските министри за внатрешни работи, предводен од словенечкиот министер Алеш Хојс, темата е состојбата со илегалната миграција од Белорусија во Литванија, преку надворешната граница на ЕУ, но се очекува некои од учесниците да го отворат прашањето за ситуацијата во Авганистан. Се зголемува стравот во ЕУ дека кризата во таа земја може да предизвика нов бран миграција кон Европа, пренесуваат словенечките медиуми.