Локалната власт прогласи узбуна во Сараево поради загадениот воздух

од Stefanija Kuzmanovska

Сараево и денеска, трет ден по ред, е меѓу градовите со највисоко ниво на загаденост на воздухот во светот, а на рангирањето на веб-страницата AirVisual во утринските часови на 21 декември беше втор, по пакистанскиот Лахоре и индиски Њу Делхи.

Индексот на загаденоста на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина изнесуваше 290 и беше на ниво што укажува на многу нездрав воздух.

Најголем проблем и понатаму е концентрацијата на опасните микрочестички прашина со ознака ПМ 2,5, бидејќи во воздухот имало 245 микрограми на метар кубен, што е 49 пати повеќе од количината што ја толерираат стандардите на Светската здравствена организација.

Таквата концентрација на овие честички прашина е категоризирана како опасна по здравјето.

Поради алармантната состојба со загадениот воздух и првичните препораки до жителите што помалку да останат на отворено, Владата на кантонот Сараево прогласи вонредна состојба во четирите општини кои го сочинуваат градот Сараево.

Тоа значи забрана за сообраќај низ градот за возила со мотори ЕУРО 3 и помалку од тоа и, каде што е можно, исклучување на сите објекти кои го загадуваат воздухот со испуштање прашина.

Високиот степен на концентрација на штетни материи во Сараево го фаворизираат временските услови во кои се случуваат температурни инверзии, па температурите во сливот се значително пониски од оние во околните планини, што создава густа покривка од магла над градот, а нема ветер кој би го отфрлил.

Метеоролозите прогнозираат дека во петок може да се очекува малку засилен ветер со врнежи од дожд, што треба да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот.

Слични содржини