Локални земјоделски култури и традиционални практики за поздрава исхрана

од Vladimir Zorba
176 прегледи

 Капацитетот на земјоделството не е доволно искористен кога станува збор за квалитетот на исхраната на населението, покажува последниот извештај на ФАО со кој е опфатена и Македонија. Експертите порачуваат диверзификација на културите и поголема застапеност на локалните растенија во производството. Велат, локалната биолошка разновидност и традиционалните практики може да послужат како основа за подобрување на исхраната.

Но, колку навистина јадењето локални производи значи и здрава исхрана?

Ја консултиравме д-р Драгица Зенделовска, нутриционист и научен соработник.

– Зависи од кој апсект анализираме. Од здравствен, подобро е да се храниме со локални култури отколку со култури кои не се типични за нашето поднебје. Не е исто да јадете кокос тука и во Тајланд. Нашето тело е адаптирано на автохтони култури и секако, треба нив да ги негуваме, да ги чуваме и заштитуваме. Тие треба што почесто да бидат застапени на нашата трпеза. Притоа е добро да ги подготвуваме на традиционален начин, вели д-р Зенделовска.

Сепак, додава, мора да го имаме предвид третирањето со хемиски заштитини препарати кои многу се користат во земјоделството, особено кај нас. Тие ги контаминираат локалните култури и во ваков случај е изразен негативниот ефект врз нашето здравје. Треба да се обрне внимание и на аерозагадувањето, како и на атмосферската канализација кои исто така влијаат на квалитетот на културите.

– Мора да има поголема контрола на употребата, односно злоупотребата на пестициди, хербициди, инскетициди и други хемиски препарати во земјоделството. Воопшто, потребна е поголема контрола на она што се продава по пазарите. Не ретко, зеленчукот или овошјето се собира непосредно по прскањето и се носи на тезга, дополнува нутриционистката.

Нејзина препорака е локалните култури да бидат почесто вклучени во исхраната, но акцентот да се стави на органската храна за да се минимизираат нус-појавите од хемикалиите.

– Јадењето здрава храна стана хит, прооизводи на органска храна има, но се многу малку. Од друга страна, кај луѓето постои сомнеж дали органското навистина е органско, а недостигаат и многу информации. Едноставно, не може да се каже дали сончогледовото семе е подобро од чија семето. Како и да е, автохтоните видови мора да ги зачуваме, да не дозволиме со употребата на увезени, наместо наши стари семиња да се смени целосниот концепт на призводство, заклучува Зенделовска.

Според Елеонора Дупуј од ФАО, одговорна за безбедност на храна и заштита на потрошувачи, постигнувањето здрава исхрана е мултисекторска задача и одговорност на повеќе нивоа.

– Добрата исхрана не зависи само од продуктивноста на земјоделството, туку и од целосните системи за храна – од начинот на планирање на производството до потрошувачката. Треба да погледнеме во секој елемент на системите за храна и да утврдиме каде хранливата вредност е изложена на ризик од губење, а каде има можности да се зачува или подобри, истакнува Дупуј.

Мора да се размисли и за инфраструктурата: капацитетите за складирање и преработка, патиштата и пазарите.

 

– Квалитетната и безбедна храна треба да е физички достапна за луѓето и во оддалечените рурални области и во градовите. Никој не смее да биде изоставен, потенцира претставничката на ФАО.

Таа укажува и на потребата од покревање на свеста не само во сегментот земјоделство/прозиводство, туку и во другите сектори како здравствената и социјалната заштита.

– Недоволното разбирање на тоа што ги сочинуваат одржливите системи на храна или што значат одржливи, здрави начини на исхрана, исто така може да биде пречка, а училиштата и воспитувачите тука можат да придонесат многу, нагласува Дупуј.

СЗО, пак, укажува дека нискоквалитетните режими на исхрана се број еден ризик за кардиоваскуларни заболувања, канцер, респираторни заболувања и дијабетес.

Според Извештајот на ФАО за Европа и Централна Азија што беше презентиран на 4 и 5 декември 2017 година во Будимпешта, преку  55 проценти од возрасните луѓе имаат прекумерна телесна тежина или се дебели, а милиони страдаат од анемија и дефицит на јод, цинк или витамин А и Д.

Различните форми на лоша исхранетост – заостанување во растот, слабеење, прекумерна тежина, дебелина, недостатоци на витамини и минерали, се присутни до одреден степен во сите земји од Европа и Централна Азија.

На дводневниот регионален симпозиум повеќе од 200 експерти и професионалци од областа на исхраната, здравството, образованието, социјалната заштита и земјоделството оценија дека локалните, националните, регионалните и глобалните системи за храна би можеле да придонесат многу повеќе за да го подобрат начинот на исхрана на луѓето./МИА

Мирјана Чакарова