Локалните жители и пожарникарите го спасија манастирот „Св. Петка“ во Пехчево

од Nikola Popovski
442 прегледи

Локалните жители, пожарникарите и сите инволвирани го спасиле од опожарување манастирот „Св.Петка” од пожарот кој повеќе од 10 часа беснее во пехчевскиот регион. Моментално ситуацијата е под контрола, а гаснењето продолжува со четири возила кои пристигнаа на припомош од Бугарија.

Жител на Пехчево соопштил дека манастирот е спасен на време.

-Попладне дојде и хеликоптер на Армијата. Гаснеа и пожарникарите, од Шумско стопанство и населението. Се што дојде за помош е добредојдено, вели жителот за МИА.

АМСМ вечерва соопшти дека сообраќајот на регионалниот патен правец Р1302 Делчево – Пехчево ќе биде во прекин до локализирање на пожарите.

Со пожарите во регионите на Пехчево и Делчево се зафатени селата Мачево, Робово и Умлена, а како што полицијата информира попладнево, сообраќајот на регионалниот пат Делчево – Пехчево се одвива преку алтернативните патни правци Пехчево – Смојмирово – Бигла – Делчево и обратно.

Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, преку социјалните мрежи побара од населението масовно да се вклучи во гаснењето на пожарот кај Пехчево кој сеуште е активен.

„Ситуацијата со пожарот, кој избувна во атарот на општина Пехчево е исклучително сериозна и полека но сигурно се префрла и на територијата на општина Берово, кон најблиските села. Пожарот е високо на шумските предели на селата, но се шири на голема површина.На терен се ТППЕ од Берово и Пехчево како и Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС. Се апелира до месното население, кон масовно вклучување во гаснењето на пожарот, како би се намалиле последиците и штетите би биле помали.Ви благодариме доколку доброволно се вклучите во гаснење на пожарот!“, напиша Пекевски на ФБ.

Слични содржини