Лончар Велкова: Мерките за штедење нема да дадат значајни резултати ако не се прилагодат кон граѓаните и бизнисот

од Vladimir Zorba
409 прегледи

Организацијата на потрошувачи се сомнева во ефектите на мерките и препораките за штедење на електричната енергија. За првиот човек на Организацијата, Марија Лончар Велкова мерките се премногу општи и се однесуваат на сите целни групи одеднаш, па оттаму тие нема да дадат значајни резултати.

-Најдобро е Владата да се консултира со граѓанските здруженија за препораките за штедење и да промовира тие да водат кампања за граѓаните, а препораките за бизнис секторот да ги утврди со нивите здруженија. Истовремено преку средба со владините претставници можно е овие препораки да бидат прилагодени кон граѓаните а секако и бизнисот, вели за „Локално“, Лончар Велкова.

Граѓаните имаат многу дилеми околу начините на кои може и треба да се намали потрошувачката на електрична енергија. Најчесто бараат објаснување на новиот тарифен модел.

-Не им е јасен тарифниот модел на граѓаните и сметаме дека треба подобро и поедноставно да се објасни неговата примена, така што секој граѓанин да може да си направи сопствена конструкција на потрошувачката на струја и од тој аспект да предвиди заштеди, а во тоа може секако да придонесат предложените мерки. На пример една од постапките би била доколку заедно во семејна куќа живеат две семејства заради заштеда тие да се одвојат и да побараат два струјомера при што тие стануваат одвоени корисници и можат одвоено да влезат во друг тарифен модел, вели Лончар Велкова.

Во насока на поголеми заштеди на електрична енергија без притоа да се нарушат правата на потрошувачите, од Организацијата препорачуваат да се отворат општински советувалишта.

-За подобро да им се помогне на граѓаните треба да има отворено енергетско советувалиште во секоја општина каде тие ќе бидат советувани и ќе им се даваат предлози за штедење кои одговараат на нивната материјална состојба. Граѓаните најмногу ги интересира како тие можат да штедат во рамки на сопствениот буџет што директно ќе се одрази на нивните сметки. Ако им кажете да инвестираат во врати, прозорци, фасади, изолација, сијалици, тие тоа го третираат како огромна инвестиција за која немаат субвенции, туку тоа како трошок треба сами да го поднесат, иако стои фактот дека инвестиција брзо се враќа, децидна е Лончар Велкова.

К.В.С.

Слични содржини