Велика Британија вчера ги објави очекувањата од трговските преговори со САД, а премиерот Борис Џонсон најави дека британската страна ќе биде непопустлива во преговорите, кои ќе бидат и тест за „посебниот однос“ меѓу двата сојузника, објави „Алџезира Балканс“.

По напуштањето на Европската унија, Џонсон настојува да постигне трговски договор со Вашингтон, не само за да ја покаже повторно вратената британска независност, туку и за да изврши притисок врз ЕУ, со која води одделни преговори за идните односи, пренесува Хина.
Додека лондонскиот преговарачки тим се упатува кон Брисел за да ги започне преговорите, британската влада го утврди мандатот за разговори со САД и предупреди дека Лондон ќе се откаже од нив доколку не се исполнат неговите барања.
Велика Британија соопшти дека сака да оствари „големи профити“ со укинување на трговските бариери, но и дека нејзината популарна Национална здравствена служба нема да биде точка на преговарање и дека ќе ги задржи своите стандарди за безбедност на храната.
САД: Со нетрпение го очекуваме почетокот на преговорите
Тоа може да доведе до спор меѓу двете страни и да создаде притисок врз односите кои се веќе затегнати со одлуката на Лондон да дозволи на кинескиот Хуавеи ограничена улога во британската 5G мрежа на мобилни телефони и предлогот за данок на дигитални услуги.
„Имаме најдобри преговарачи и секако дека ќе бидеме тврди во преговорите со цел да ја зајакнеме британската индустрија“, изјави Џонсон.
Џеф Емерсон, портпарол на Кабинетот на претставниците за трговија на САД, рече дека Вашингтон ги разгледува преговарачките цели на Велика Британија и со нетрпение го очекува почетокот на преговорите.
САД се најголемиот трговски партнер по ЕУ
Преговарачките цели на Вашингтон, објавени минатата година, вклучуваат барање целосен пристап до пазарот за американски фармацевтски и медицински производи, за што ќе бидат потребни промени во Националната здравствена служба во однос на ограничување на цените и би можеле да ги зголемат цените на лековите.
Британската влада соопшти дека нејзините анализи покажуваат дека договорот со САД би можел да ја зајакне трансатлантската трговија во текот на 15 години за скоро 20 милијарди долари.
САД во моментов се најголем трговски партнер на Велика Британија по ЕУ, со скоро 19 отсто од британскиот извоз и 11 отсто од увозот.