Лорер: Пендиков не е бугарски државјанин, тој се дефинира како личност со бугарска самосвест – Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани

од Stefanija Kuzmanovska
200 прегледи

Пратеникот од Продолжуваме со промените и поранешен министер за иновации Даниел Лорер во интервју за бугарската Нова ТВ го коментира случајот со претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, нагласувајќи дека случајот се политизира и дека се игнорираат неколку важни факти.

„Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?“,праша Лаурер во интервјуто за Нова ТВ вчера.

Македонските власти, вели поранешниот министер за иновации на Бугарија, во случајот реагираа многу брзо и додава дека она што Бугарија сега треба да го направи е да им остави доволно време на македонските институции да утврдат дали станува збор за злосторство од омраза или не.

Надоврзувајќи се на прашањето на новинарката, Лорер се согласува со позицијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека случајот во Бугарија се политизира и дека позицијата на Продолжуваме со промените е нивно намалување.

„Точно така, прашањето се политизира. Нашата позиција е тензиите да се намалат за да може да почне да работи дипломатијата. Ние треба да им дадеме време на македонските институции да откријат дали навистина станува збор за случај на омраза што е апсолутно недозволиво и тогаш ЕУ треба да ја одигра својата улога или не. Тоа е нешто кое што треба да го утврдат македонските институции и треба да им го дадеме неопходното време“,вели пратеникот од редовите Продолжуваме со промените и поранешен министер во владата на Кирил Петков.

Претходно во разговорот за Нова ТВ, Лорер говори за односите со С Македонија, впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, како гаранција за заштита нивните права во земјава.

„Прашањето за С Македонија е клучно за Бугарија. За нас е важно правата на Бугарите во Македонија да бидат признаени и ние за време на мандатот на Продолжуваме со промените ја дадовме вистинската формула за тоа. За да бидат заштитени Бугарите, тие треба да бидат запишани во македонскиот Устав. Шефот на државата (Румен Радев н.з.) го следеше процесот со интерес и ни кажуваше дека не треба да се занимаваме со Македонија, но ние од Продолжуваме со промените сметавме дека најдобар начин да ги заштитиме Бугарите е тие да се стават во Уставот. Во тоа успеавме да ја убедиме и Европската Унија, така што со ЕУ под претседателство на Франција ѝ ги предложи нашите барања на Македонија“,вели Лорер.

Прашан дали ЕУ треба да биде поактивна и да реагира на кршењето на правата на Бугарите во земјава, пратеникот на продолжуваме со промените е дециден – ЕУ многу добро сфаќа и знае што се случува.

Тој посочува дека и во С Македонија и во Бугарија има многу сили што се заинтересирани процесот на помирување меѓу двете држави да не се случи, Бугарите да не бидат впишани во Уставот и таа конфронтација да продолжи.

„Тие сили работата и кај двете страни на создавање тензии“,вели Лорер.

На изјавите и ставовите на Лорер изнесени во интервјуто денеска остро реагираа од коалицискиот партнер на ГЕРБ од последните парламентарни избори – СДС, од каде што велат дека зборовите на пратеникот на ПП се силна шлаканица за Бугарите во Северна Македонија.

Според СДС изјавата на Лорер дека тепањето во РСМ не било против бугарски државјанин туку еден од напаѓачите бил Бугарин сугерира дека тој не го разбира проблемот во неговата суштина и не разбира што е бугарска самосвест во РСМ.

„Се добива чувство дека за него нашите односи со Северна Македонија се апстрактни и институционални. Како луѓето со бугарска самосвест живеат и се справуваат со омразата против нив очигледно не е во парадигмата на поранешниот министер за иновации. Според него, прашањето е политизирано. Што друго, ако не политика, е тоа што се случуваше повеќе од 70 години и продолжува да се случува во Македонија во однос на тамошните Бугари и во однос на државата Бугарија?! Си го поставува ли г. Лорер прашањето, што би се случило со неговите илјадници предци во нашата татковина во 40-тите години на 20 век, ако не беа спасени затоа што се државјани на Бугарија, но имаа поинаква самосвест?! Како истакнат претставник на Продолжуваме со промените, до неодамна владеејќи и повторно правејќи обиди да дојде до власт, јасно им покажа каков е односот на политичката сила што ја претставува кон нив“, велат од СДС и додаваат дека нема да го повикаат Лорер и неговите партиски лидери да се се извинат бидејќи, како што велат, тоа би било неискрено и бесмислено.

Слични содржини