Лоши вести од Велика Британија: Брзите тестови за коронавирусот „не функционираат“

од Vladimir Zorba
400 прегледи

Брзите тестови за коронавирус, кои се прават во Велика Британија за студентите да можат да ги посетуваат семејствата за Божиќ, а корисниците на домовите за стари лица да примаат посети, не регистрираат скоро половина од заразените, покажа анализата на британските власти.

Лондон на почетокот на оваа недела објави дека ќе започне со брзи тестови на короната за да се обиде барем накратко да ги суспендира мерките за физичко дистанцирање во домовите за стари лица и да им овозможи на студентите да патуваат дома за претстојните празници.

Меѓутоа, се покажа дека брзите тестови, кои веќе се применуваат во Ливерпул, не се сигурни и претставуваат голем ризик луѓето без симптоми или асимптоматски случаи да заразат некого.

„Пола-пола“ шанса

Експертите веќе подолго време ја доведуваат во прашање соодветноста и безбедноста на тестовите, кои за неколку минути наводно можат да утврдат дали некој е заразен со Ковид-19. Тестовите се дистрибуираат до медицинскиот персонал кој мора да се тестира двапати неделно и се покажало дека имаат „пола-пола““ шанса да открие заразено лице, иако Даунинг стрит инсистираше на тоа дека „сеопфатната клиничка проценка“ на тестовите спроведени од Универзитетот во Оксфорд и Англискиот институт за јавно здравје е „исклучително сигурна, чувствителна и точна“.

Експертите, сепак, не се согласуваат и повикаа на итен прекин на брзите тестови на ковид, повикувајќи се на официјална, владина анализа на тестовите што покажаа дека тие не се доволно сигурни.

Министерството за здравство и социјална помош објави документ во кој се наведува дека брзите тестови во Ливерпул, во споредба со PCR-тестовите, регистрирале пет од 10 случаи на коронавирус откриени со PCR-тестот.

„Овие тестови нема да го регистрираат секој со Ковид-19“, рече Министерството, додавајќи дека брзите тестови „фатиле“ 7 од 10 посериозни случаи, што значи дека околу една третина од потенцијално позаразни лица нема да бидат изолирани и ќе го зголемат ризикот од понатамошно ширење.

Претходните лабораториски тестови покажаа дека брзите тестови не успеваат само на пет проценти од заразените со поголемо ниво на вирус во организмот.

PCR „златен стандард“

Според „Индипендент“, ова несовпаѓање веројатно е последица на фактот дека тестовите биле извршени во лабораториски услови и во контролирана средина.

PCR-тестовите – за кои е потребно лабораториско испитување – се сметаат за „златен стандард“ и се упатуваат на лица со симптоми на коронавирус, а според овие официјални податоци, овие тестови „промашуваат“ помалку од 5 проценти од случаите.

„Брзиот тест не е соодветен за владините планови да ги суспендираат забраните за патувања и контактите за време на Божиќ“, рече Џон Дикс, професор по биостатистика на Универзитетот во Бирмингем. „Апсолутно не е безбедно да се користат овие тестови за да се утврди дали некој има корона или е заразен“, додаде тој.

Брзи тестови како „помошно оружје“ во борбата против Ковид

Градот Шефилд веднаш реагираше на овие податоци и ги суспендираше брзите тестови што ги спроведоа во домовите за стари лица, а истата одлука ја донесе и Манчестер и неговата околина.

Д-р Ангела Рафл од Универзитетот во Бристол вели дека владата не се консултирала со експерти кога направила план за брзо тестирање на претежно градовите на северот каде што бројот на заразени лица е поголем.

„Проблемот е во тоа што луѓето кои добиваат негативен резултат сега имаат лажно верување дека немаат корона и дека не се заразни и со тоа ја шират инфекцијата“, рече таа.

Сепак, официјални лица од Институтот за јавно здравје се бранат, тврдејќи дека тестовите се само дополнително оружје во борбата против коронавирусот и дека се користат за „фаќање“ на случаи што се лизнале под радарот.

Слични содржини