Францускиот напаѓач Килијан Мбапе ќе ги пропушти преостанатите натпревари од групната фаза на ЕП 2024 во Германија, пренесува авторитетниот „Фигаро“.
Според информациите, на Мбапе ќе му требаат околу 15 дена да се опорави и се очекува да се врати на теренот за елиминациската фаза доколку Франција ги мине групите.
25-годишниот Французин се судри со дефанзивецот Кевин Дансо во 86. минута од победата над Австрија од 1-0, а потоа заврши на тревата. Најпрво се претпоставуваше дека ќе му треба операција, но по прегледот во болницата во Дизелдорф беше одлучено да се префрли на конзервативно лекување.
По враќањето на теренот, Мбапе ќе носи специјална маска за заштита на повредениот нос.
Така, Мбапе најверојатно ќе го пропушти вториот натпревар на Франција на ЕП 2024 против Холандија на 21 јуни и третиот против Полска на 25 јуни.
Напаѓачот се врати во репрезентативниот камп по прегледите во клиника во Дизелдорф.
„Мбапе ќе се лекува во следните неколку дена, но нема да оди на операција во скоро време. Ќе му биде направена маска“, се вели во соопштението на Француската фудбалска федерација.