УНГАРИЈА ќе ги прекрши санкциите на Европската унија доколку ја реализира најавата дека на Москва ќе ѝ плаќа за енергенсите во рубљи, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Го анализиравме указот на Путин и правниот случај е многу јасен. Она што го предлага Путин – менување на еврото во рубљи за плаќање сметки за гас – би било кршење на санкциите. Ако го направите тоа и плаќате во рубљи, ги кршите санкциите, заобиколувајќи ги санкциите што ги воведовме кон Русија“, изјави Фон дер Лајен за Си-Ен-Ен.
Американската тв мрежа потсетува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан најавил дека Унгарија е подготвена да го плати рускиот гас во рубљи, откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се бара од „непријателските земји“ да плаќаат гас во таа валута.
„ЕУ по тој повод разговара со Будимпешта“, изјави фон дер Лајен.
„Досега Унгарија се придржуваше до санкциите, така што не го гледаме спротивното, тоа е добро. Никогаш не сме ја виделе Унијата толку обединета, решителна. Мислам дека секоја членка ќе се запраша дали сака да биде првата што ќе го скрши тоа единство. Мислам дека не“, додаде таа.