Министерството за животна средина и просторно планирање вчера информираше дека на седница на Владата на РСМ беа усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските планини.
По оваа одлука следеше реакција на Ловечка Федерација На Македонија. Тие на нивниот официјален Фејсбук профил напишаа:
„Владата и Министерството за животна средина,му нанесоа силен удар на нашето ловство,со непринципиелното давање позитивно мислење за прогласување на Осоговските планини и Шар планина за заштитени подрачја,наспроти негативното мислење на Министерството за земјоделие,шумарство и водостопанство и наспроти нашите укажувања за сите реперкусии и штетни последици врз ловството,рибарството,бербата на шумски плодови,приватната сеча на дрвја и земјоделието во овие подрачја! Ние нема да застанеме тука,нема да се предадеме,поколебаме и откажеме!!!“
Вчера владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.
Согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации.
Во однос на одлуките, министерот Нуредини порача: „Прогласувањето на овие две подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам“.
https://www.facebook.com/lovecka.federacija/posts/2567693700163460