Украинскиот претседател Владимир Зеленски живее и работи во бетонски блок од згради, опкружен со непробојни безбедносни прстени. Заштитен е како во бункер, пишува репортер од лондонски „Тајмс“ кој добил пристап до Банкова, комплекс на владини згради во Киев.
Внатре е мрачно, прозорците се покриени со дебели завеси како заштита од воздушни напади или снајперисти, пишува британскиот весник. Однадвор, прозорците и вратите се заштитени со вреќи со песок, наредени се и на монументалното внатрешно скалило. Контролни пунктови со вооружени војници се наоѓаат на секоја улица околу комплексот, од пешаците се бара тајна лозинка, која секојдневно се менува. Обично тоа е некоја глупост, која на Русите би им била тешка да ја изговорат.
Строга тајна
Од почетокот на војната, наведува „Тајмс“, направени се многу обиди за атентат врз Зеленски. Шефот на Советот за национална безбедност на Украина, Олексеј Данилов изјавил дека за само една недела имало три обиди за атентат.
Првите два месеца од почетокот на руската инвазија, Зеленски живеел во подземен бункер, во засолниште. Една година подоцна, во затемнетиот, силно утврден владин комплекс, никој не обрнува внимание кога ќе ги слушне сирените кои предупредуваат за опасност. Бункерот е користен само еднаш во изминатите неколку месеци – летово откако добија разузнавачки информации дека Русите планираат напад врз седиштето на владата.
Веднаш штом Русија нападна на 24 февруари минатата година, Зеленски прогласи вонредна состојба. Водечките офицери веднаш биле повикани во подземниот бункер, со наредба да останат таму до понатамошно известување.
„Не го гледате сонцето, не знаете колку е часот“, се пожалил еден од интервјуираните на „Тајмс“. Планот бил да се остане под земја една недела. Тоа се претворило во два месеца. Оние кои биле повикани да живеат со претседателот во подземниот бункер морале да потпишат дека никому нема да откријат ниту еден детал.
Како што Русите се повлекуваа од Киев, Зеленски излезе од подземјето, но со месеци владините состаноци се одржуваа под земја, на метро станицата Маида, каде што рок групата У2 минатата година одржа концерт.