Претседателот на ЛП, Ивон Величковски се обрати до амбасадите на земјите-членки на ЕУ и до Амбасадата на САД во Скопје со следните ставови:
…Според ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА, прва премиса е безусловна оставка на премиерот Никола Груевски и неговиот кабинет. Тоа е еден од почетните услови за поддршката на новата влада од сите политички сили подготвени да ја носат Република Македонија на патот што го одиме две децении – членство во НАТО и ЕУ.
Притоа, ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА инсистира на неколку задолжителни задачи што лидерските средби треба да ги дефинираат за новата „преодна“ Влада, а особено попис, прочистување на избирачкиот список и нов изборен модел за избор на пратеници со една изборна единица и отворени листи.
Се што ќе биде помалку од претходно наведеното, за земјава ќе значи пролонгирање на досегашната неефикасност на партиите и клиентелизираност на општеството и нацијата.
И конечно, сметаме дека по целокупниот развој на политичката криза деновиве, оставката на Груевски мора да следи заедно со негово целосно повлекување од политиката, што ќе овозможи неговата партија да стане партнер во политичките процеси наместо пречка на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и справувањето со криминалот и корупцијата во земјата и во регионот.
Впрочем, со нашата Либерална иницијатива „За Македонија каква што треба да биде“ уште од октомври 2014 бараме формирање концентрациона Влада, како влада со политички капацитет од широк опфат. Само ваква Влада со доволен мандат за спроведување на зададените задачи ќе може да го врати институционалниот легитимитет и да спроведе суштински процеси за нормализација на политичкиот процес во Македонија, вклучително нови избори.
ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА ја потпиша Граѓанската платформа заедно со други партии од опозицијата, невладини организации… и учествуваше на граѓанскиот собир пред Владата на 17 мај.
