ЛШ: Шахтјор со десеткуван тим го победи Реал среде „Бернабеу“

од Vladimir Zorba

Екипата на Шахтјор (Доњецк) оствари изненадувачка победа со 3:2 како гостин на Реал Мадрид во натпревар од групата „Б“ од Лигата на шампионите со што го направи првото големо изненадување во новата сезона.

Головите за Украинците ги постигнаа Тете (29’), Варан (33’ – автогол) и Соломон (42’) во првото полувреме. По паузата, тимот од Мадрид се обиде да направи пресврт, но погодоците на Лука Модриќ (54’) и Виничиус Жуниор (59’) не беа доволни за тоа.

Зинедин Зидан направи седум измени пред саботното „Ел Класико“ против Барселона. Капитенот Серхио Рамос воопшто не беше во групата на мечот поради добиен удар против Кадиз и така неговото место го зазеде Едер Милитао. Ферлан Менди беше преквалификуван како десен бек.

Во средниот ред имаше и две нови имиња во споредба со последниот натпревар – Касемиро и Федерико Валверде. Нападот беше целосно променет. Родриго и Марко Асенсио играа на крилата, а Лука Јовиќ започна како стартер.

Шахтјор пак беше сериозно погоден од коронавирусот, а дури десет играчи од нивниот прв тим го пропуштија мечот. Меѓу нив беа бразилските sвезди Тајсон, Алан Патрик и Жуниор Мораеш, дефанзивецот Микола Матвиенко, крилото Евхен Конопљанка и вториот капитен Тарас Степаненко.

Украинците сепак успеаја да соберат доволно играчи за натпреварот, бидејќи нивната почетна постава ја сочинуваа осум играчи на возраст од 23 или помалку години и на крајот да дојдат до неверојатна победа.

РБ Салцбург и Локомотив (Москва) не успеаја да победат и ремизиаа 2:2 на првиот натпревар од групата „А“ од Лигата на шампионите, кој се одигра во раниот термин.

Натпреварот кој се одигра пред 3.000 гледачи беше доста отворен.

Гостите поведоа со голот на Едер (19’), но „црвените бикови“ дојдоа до целосен пресврт преку Доминик Собослај (45’) и Златко Јанузовиќ (50’).

Сепак, Виталиј Лисакович му донесе бод на рускиот тим на 15 минути пред крајот.

Слични содржини