„Љубовта“ трае: Трамп останал во контакт со Ким Јонг Ун

од Nikola Popovski

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп им рекол на своите соработници дека останува во контакт со лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, тврди авторот на новата книга за Трамп. Новинарката Меги Хаберман изјави дека Ким е единствениот странски лидер со кој Трамп останал во контакт, пишува Би-Би-Си. Сепак, таа додаде дека тие тврдења не можат да се потврдат и дека можеби не се точни.

Во 2018 година, Доналд Трамп имаше позната изјава дека Ким и тој „се заљубиле“ затоа што размениле писма. Но, сепак не успеаја да постигнат договор за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Комуникацијата меѓу поранешниот американски претседател и Ким би била многу невообичаена, со оглед на меѓународната изолација на Северна Кореја поради нејзината нуклеарна и ракетна програма.

„Како што знаеме, Трамп беше фиксиран на тој однос“, изјави Хаберман, новинарка на Њујорк Тајмс. Таа тој детал за Трамп го откри во нејзината нова книга, „The Confidence Man“, која треба да излезе наскоро.

„Она што го зборуваме и она што навистина се случува не е секогаш во согласност, но тој им кажа на луѓето дека имал некаква кореспонденција или дискусија со Ким Џонг Ун“, рече таа.

Трамп имаше две средби со Ким, чија цел беше суспендирање на нуклеарната програма на Северна Кореја, но не беше постигнат договор. Пјонгјанг продолжи да спроведува ракетни тестови, со што ги прекрши резолуциите на ОН.

Преписката со Ким беше меѓу документите во 15-те кутии кои Националниот архив, владината агенција која управува со складирањето на претседателските документи, ги презеде од Трамп минатиот месец.

Трамп требаше да ги предаде тие документи во Архивот кога ја напушти Белата куќа, но наместо тоа ги однесе со себе во својата резиденција на Флорида.

Во интервју за Си-Ен-Ен, Хаберман исто така рече дека персоналот на Белата куќа повремено наоѓал документи во ВЦ-шолјата во тоалетот на Трамп во Белата куќа.

Таа додаде дека во тие случаи персоналот наоѓал стуткана, влажна, испечатена хартија – белешки или некое друго парче хартија, за кое веруваат дека поранешниот претседател го фрлил во тоалетот.

Слични содржини