Англија стигна до четвртфиналето на ЕП 2024 благодарение на среќата и драма од 120 минути на Фелтинс Арената во Гелзенкирхен. „Трите лава“ ја победија Словачка со 2-1 по продолженија. Тие беа со една нога надвор од турнирот до 5. минута од судиското надополнување, но потоа се вратија од мртвите и, барем во таа фаза, му ја спасија главата на својот тренер Герет Согет.
Словачка за влакно ја испушти првата вистинска сензација на шампионатот во Германија, откако Иван Шранц поведе во 25. минута. На крајот Англичаните преживеаја, а во херои се претворија двете најголеми ѕвезди во нивниот тим – Џуд Белингем и Хари Кејн, кои ги спасија од страшен пораз. Ѕвездата на Реал Мадрид израмни со одлични ножички во 95 минута. Напаѓачот на Баерн пак го донесе целосниот пресврт на почетокот на првото продолжение. Интересно, ова беа единствените два прецизни удари на Англија во текот на целиот натпревар.
Англија одигра исклучително лош натпревар за своите претензии и за тоа што го има најскапиот тим во првенството. Во редовите на „Трите лава“ со полна сила блесна недостатокот на креативност во офанзивниот план.
Инаку, Англичаните уште еднаш ја испратија топката во мрежата на Дубравка, но голот на Фил Фоден во 50. минута беше поништен поради офсајд. Пречката еднаш ги спаси Словаците, по одличен удар на Деклан Рајс.
Англија во четвртфиналето ќе игра против Швајцарија, а натпреварот е на 6 јули на стадионот во Дизелдорф.