Лудило и пенали на дербито на Манчестер: Првиот трофеј сезонава за Сити

од Nikola Popovski
26 прегледи

Фудбалерите на Манчестер Сити го освоија првиот трофеј во новата сезона, откако по изведувањето на пенали го совладаа градскиот ривал Јунајтед со 7:6.

По 90 минути игра беше 1:1, „Граѓаните“ едвај се извлекоа во финишот на натпреварот, а според правилата на Комјунити шилд нема продолженија, туку веднаш се постапува кон изведување на пенали.

Натпреварот беше прилично изедначен, иако Јунајтед пропушти неколку стопроцентни шанси во вториот дел.

Прво на Бруно Фернандеш му беше поништен многу убав гол поради офсајд, а малку подоцна Маркус Рашфорд ја погоди стативата иако беше 1 на 1 со голманот Едерсон. И Скот Мектоминај имаше голема шанса, но се заплетка во завршницата од акцијата.

Сепак, Јунајтед поведе во 82. минута по убавиот и брз потег кој го круниса Алехандро Гарначо.

Сити успеа да израмни во последните моменти од натпреварот, поточно во 89. минута, кога стрелец беше Бернардо Силва по центаршутот на Оскар Боб.

Возбудувања имаше и во пенал рулетот. Првиот пенал за „граѓаните“ го промаши Силва, но Џејдон Санчо беше трагичар за Јунајтед во четвртата серија. Сите изведувачи на Сити до осмата серија беа прецизни, додека Џони Еванс го промаши целиот гол, по што Мануел Аканџи му донесе победа на својот тим и прв трофеј во сезоната.

Инаку, вредно за споменување е дека од последните 13 победници на Комјунити Шилд, само една екипа успеала да стане шампион на Англија подоцна во истата сезона.

Слични содржини