Сите фудбалски погледи денес ќе бидат вперени кон Олд Трафорд, каде Кристијано Роналдо ќе дебитира по втор пат за Манчестер Јунајтед, тим во кој се врати по 12 години!
„Црвените ѓаволи“ ќе го пречекаат Њукасл во 16 часот, а менаџерот Оле Гунар Солскјер на прес -конференцијата потврди дека Португалецот ќе игра. Единствената дилема е дали ќе започне од почеток или ќе влезе од клупата.
– Роналдо имаше добар подготвителен период со Јувентус, играше за репрезентацијата, добро работеше и тука. Тој дефинитивно ќе биде на теренот во одреден момент – потврди Норвежанецот.
Билетите за овој натпревар одамна се распродадени, сите сакаат да бидат дел од историјата, а англиските медиуми пишуваат дека оние на црниот пазар чинат дури 2.049 фунти. Исто така, се наведува дека еден од „онлајн“ продавачите има билети чии цени се движат од 299 до 722 фунти.
Од друга страна, Јунајтед јавно ги повика своите навивачи да не купуваат билети од трети страни бидејќи тоа може да предизвика одредени проблеми при влегување на трибините, и тие забележуваат дека тие билети честопати можат да бидат лажни.