Австралиските истражувачи открија протеин во белите дробови кој се лепи за коронавирусот и го имобилизираа, што може да објасни зошто некои луѓе никогаш не се разболуваат од Ковид-19, додека други страдаат од оваа сериозна болест.
Истражувањето беше предводено од Грег Нили, професор по функционална геономија на Центарот Чарлс Перкинс на Универзитетот во Сиднеј, во соработка со д-р Липин Лу, постдокторски истражувач и Метју Валер, студент на постдипломски студии.
Нивните наоди беа објавени во петокот во научното списание „PLOS Biology“.
Како што пренесува Гардијан, тимот користел човечки клетки во култура на ткиво за да го истражи целиот човечки геном за протеини кои можат да се врзат со Сарс-КоВ-2, вирусот што го предизвикува Ковид-19.
Тие го направија тоа користејќи алатка за генетско инженерство позната како „Crispr“, која им овозможи да ги приклучат сите гени во човечкиот геном и потоа да одредат кој од овие гени им дал на човечките клетки способност да се врзат за протеинот на вирусот.
Спајк протеинот е критичен за способноста на вирусот да ги инфицира човечките клетки.
„Ова ни овозможи да најдеме нов протеински рецептор, LRRC15. Потоа, со испитување на белите дробови на пациентите кои починале од Ковид или други болести, откривме дека оние кои претрпеле тешки форми на заразата имаат големи количини на LRRC15 во нивните бели дробови“, објаснува Нили.
LRRC15 не е присутен во човечкото тело додека Сарс-Ков-2 не влезе во организмот.
Научниците утврдија дека тоа е дел од новата имунолошка бариера која помага во заштитата од тешки инфекции со Ковид-19 и истовремено го активира антивирусниот одговор на телото.
Иако пациентите кои починале од Ковид произвеле LRRC15, научниците веруваат дека не е произведено доволно за да се обезбеди заштита или дека е произведено предоцна за да се помогне.
„Кога ги гледаме белите дробови на пациентите кои починале од Ковид, гледаме дека има многу од овој протеин таму. Сепак, не можеме да погледнеме во белите дробови на преживеаните од Ковид бидејќи биопсиите на белите дробови не се нешто што лесно се прави на живите луѓе. Но, ние веруваме дека има повеќе протеини кај преживеаните отколку кај оние што починале од Ковид“, вели Нили.
Во посебна студија спроведена во Лондон, научниците тестираа примероци од крв за LRRC15 и открија дека нивото на протеинот во крвта е пониско кај пациенти со тешки форми на Ковид во споредба со оние кои имале поблага форма, што ја поддржува теоријата на Нили и неговите колеги.
„Нашите податоци сугерираат дека повисоките нивоа на LRRC15 ќе резултираат со поблаги форми на болеста“, вели Нили.
„Фактот дека постои овој природен имунолошки рецептор за кој не знаевме порано, кој ги обложува нашите бели дробови и го блокира и контролира вирусот – тоа е лудо интересно откритие“, бил воодушевен научникот.
Ковид-19 може да доведе до фиброза на белите дробови, а ова откритие може да има импликации за долготраен ковид.