Луис Хамилтон го имаше своето официјално деби за Ферари со петто најбрзо време на првиот слободен тренинг на Формула 1 во Бахреин, додека неговата замена во Мерцедес, Кими Антонели го забележа најбрзиот круг. Италијанецот, исто така, заврши најмногу работа со 78 кругови на патеката во Сахир долга 3.543 километри.
Антонели се најде на врвот на табелата по утринската сесија со 1:31.428, поставувајќи го најдоброто време на средните пневматици. Тој беше 0,132 секунди пред уште еден дебитант – Лиам Лосон од Ред Бул, а на третото место со негатива од 0,145 се најде Александар Албон од Вилијамс.
Јуки Цунода од РБ Хонда, кој исто како Антонели извозе 78 круга, заврши на четвртото место, со заостанување од 0,182 секунди зад победникот. Хамилтон го освои петтото место со негатива од 0,406, но Британецот привлече најголемо внимание за своето деби во болидот на Ферари.
Во меѓувреме, Фернандо Алонсо од Астон Мартин и Нико Хулкенберг од Кик Заубер беа единствените возачи кои не ја поминаа целосната тркачка дистанца од 57 круга на Сахир. Шпанецот беше седми зад Џек Дуан од Алпин и пред Оскар Пјастри од Мекларен, додека Хулкенберг заврши деветти. Десетти беше Оливер Берман од Хаас.
Екипите имаат еден час одмор пред почетокот на втората сесија, во која ќе се менуваат возачите. Попладне ќе вози и светскиот шампион со Ред Бул – Макс Верстапен.