Легендарниот хрватски фудбалер Лука Модриќ (39) објави дека во сабота ќе го одигра својот последен натпревар за Реал Мадрид на легендарниот стадион „Сантијаго Бернабеу“. По 12 години исполнети со трофеи, незаборавни моменти и посветеност, Модриќ реши да се прости од мадридскиот гигант.
Во емотивно писмо, Модриќ им се заблагодари на сите – раководството на клубот, соиграчите, тренерите и најмногу на навивачите кои му пружија безрезервна поддршка низ годините. Тој откри дека ќе учествува на Светското клупско првенство во јуни, по што ќе го промени клубот. Засега не е познато каде ќе ја продолжи кариерата.
„Времето дојде. Момент што никогаш не сакав да дојде, но таков е фудбалот. Во животот сè има почеток и крај. Ќе го одиграм мојот последен натпревар за Реал Мадрид во сабота. Пристигнав во 2012 година со соништа и амбиции, но не можев ни да замислам што сè ќе доживеам,“ напиша Модриќ.
Од доаѓањето во клубот, тој стана клучен дел од една од најуспешните генерации во историјата на Реал Мадрид. Со клубот освои пет титули од Лигата на шампионите, повеќекратни трофеи во Ла Лига и бројни други успеси.
„Играњето за Реал Мадрид ми го промени животот. Горд сум што бев дел од најдобриот клуб во историјата. Посебна благодарност до претседателот Флорентино Перез и до сите што беа со мене на овој пат.“
Но, како што истакна Модриќ, најголемото богатство му се спомените и љубовта од навивачите.
„Навистина не знам како да ја опишам врската што ја имам со вас, навивачи. Ваша поддршка, стоечките овации, сите тие моменти… тоа ќе го носам во срцето засекогаш.“
Хрватот си заминува со полни раце трофеи и полно срце емоции, но истакнува дека Реал Мадрид секогаш ќе остане негов дом.
„Иако по Светското клупско првенство веќе нема да го носам дресот на Реал на теренот, секогаш ќе бидам навивач. Реал Мадрид ќе биде мој дом до крајот на животот.“
Со зборовите „Хала Мадрид и ништо друго“, Лука Модриќ се збогува со навивачите и со клубот, оставајќи зад себе ера која ќе остане запаметена со златни букви во историјата на фудбалот.