Лукаку: Ја научив лекцијата – молчам за Челси, уживам во Рома

од Vladimir Zorba
287 прегледи

Фудбалерот на Рома, Ромелу Лукаку блесна по убедливиот триумф на „волците“ над Брајтон во осминафиналето на Лигата на Европа.

Избраниците на Даниеле Де Роси победија со 4:0, а Лукаку го постигна вториот гол на својот тим.

Запрашан за долгорочните планови во кариерата и можното враќање во Челси, позајмениот играч од „сините“ одговори „тактички“ – со оглед на тоа што минатата сезона ситуацијата ескалира веднаш по едно интервју во кое тој рече дека е посветен на Интер и дека пред крајот од кариерата би сакал да игра за тој клуб.

Белгискиот напаѓач дојде во Рома на едногодишна позајмица летото по неуспешните преговори со Интер и Јувентус. Ромелу блеска во италијанската престолнина – на 35 натпревари во сите натпреварувања постигна 18 гола и даде четири асистенции.

„Штом пристигнав видов колку навивачите ја сакаат Рома. Како треба да се однесувам ми кажа сонародникот Раџа Наинголан, а јас уште од стартот „кликнав“ со соиграчите. На моето искуство во Рим големо влијание имаше и поранешниот тренер на клубот Жозе Мурињо, а ми помага и Де Роси. Давам се од себе за Рома“, изјави Лукаку и додаде:

„Многумина не знаат во каква ситуација бев и благодарам на Рома што веруваше во мене. Не сакам да предизвикувам контроверзии во Англија, морам да бидам мудар и да ги бирам зборовите на оваа тема. Веќе знаете на што мислам… Ја научив лекцијата, тишината е злато“.

Рома во 28. коло во италијанското првенство гостува кај Фиорентина, а потоа повторно ќе се соочи со Брајтон.

Слични содржини