Фудбалерот на Челси, Ромелу Лукаку изјави дека е подготвен да игра против Арсенал в недела, во дресот со број девет што стана достапен со заминувањето на Тами Абрахам во Рома.
„Го зедов дресот со број девет. Многу сум среќен што сум тука. Јас сум на располагање на тренерот “, рече Белгиецот.
Лукаку го напушти Интер минатата недела и се врати во Челси, клубот за кој играше од 2011 до 2014 година. Во својот прв мандат за „сините“, Лукаку не постигна ниту еден гол на 15 натпревари, но по заминувањето од „Стемфорд Бриџ“ стана еден од најдобрите напаѓачи во Европа.
Тој постигна 87 голови на 166 натпревари за Евертон, а потоа 42 на 96 настапи во дресот на Манчестер Јунајтед, пред да потпише за Интер во 2019 година.
Лукаку одигра 95 натпревари во дресот на Интер и постигна 64 голови, а минатата сезона му помогна на тој клуб да го освои првото Скудето по 2010 година и со тоа да стави крај на долгогодишното владеење на Јувентус.
Белгиецот изјави дека натпреварите во италијанската лига се „технички и тактички“.
„Во Англија е поинаку … За мене не е ништо ново, само се враќам на старото и се прилагодувам на соиграчите. Без оглед на планот за игра што го има тренерот, можам да се адаптирам и да му помогнам на тимот“, рече Лукаку, додавајќи дека стилот на игра на Челси е сличен на оној на белгиската репрезентација.
Челси ја чека првата титула во Премиер лигата по сезоната 2016/17, а новата сезона ја започна со победа од 3:0 над Кристал Палас.
„Има добар интензитет. Тренерот (Томас Тухел) е многу јасен во своите идеи. Секој работи напорно и сака да напредува и што е најважно, да победува. Тоа исто така се вклопува во моите амбиции “, рече Лукаку.
Натпреварот Арсенал – Челси се игра в недела од 17:30 часот.