Лукаревска: Буџетот за 2026 година не нуди мерки за раст на платите, ниту за справување со сиромаштијата и инфлацијата

Лукаревска предупреди дека само 9% од вкупните расходи се за капитални инвестиции, додека 91% одат на тековни, непродуктивни трошоци, а, како што додаде, намалувањето на капиталните расходи за 7 милијарди денари покажува дека оваа Влада нема капацитет за развој, ниту намера да инвестира во иднината.

од Vladimir Zorba
13 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

Пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска на вториот ден од општиот претрес за Предлог буџетот за 2026 година на собраниската Комисија за финансирање и буџет, предложениот буџет го оцени како неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и граѓаните. Таа истакна дека буџетот не нуди мерки за раст на платите, ниту за справување со сиромаштијата и инфлацијата.

Лукаревска предупреди дека само 9% од вкупните расходи се за капитални инвестиции, додека 91% одат на тековни, непродуктивни трошоци, а, како што додаде, намалувањето на капиталните расходи за 7 милијарди денари покажува дека оваа Влада нема капацитет за развој, ниту намера да инвестира во иднината.

Според неа, Владата кратела средства во клучни сектори – животна средина, правосудство, енергетика и образование – што го загрозува развојот.

Лукаревска посочи дека Владата планира огромно ново задолжување од 1,7 милијарди евра, нов долг, односно 950 милиони евра преку еврообврзница, 350 милиони евра од странски извори и 400 милиони евра дома.

-Јавниот долг ќе надмине 62%, ниво кое меѓународните институции го сметаат за ризично за ваква економија. Владата ја турка државата во финансиска нестабилност, нагласи Лукаревска, укажувајќи на забелешките на Европската комисија, кои, како што реле, се целосно игнорирани.

Според информациите објавени на веб страницата на Собранието, за Предлог-буџетот се поднесени над 100 амандмани.

Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.