Лукаревска ја менува Шекеринска, Битиќи и Филипче нови потпретседатели на СДСМ?

од Берта Китинска
421 прегледи

Денеска ќе се одржи 26. Конгрес на СДСМ. Социјалдемократите ќе избираат заменик претседател, потпретседатели, но и членови на Централниот и Извршниот комитет.

Според наши извори Сања Лукаревска ќе ја замени Радмила Шекеринска, додека пак на местото на Коста Петров и Мухамед Зекири како потпретседатели најверојатно ќе бидат Фатмир Битиќи и министерот за здравство Венко Филипче.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев до последен момент беше воздржан без да лицитира со конкретни имиња иако најави нова и свежа енергија со која како што вели партијата треба да оди напред.

„Не би можел ништо да кажам заради тоа што нема оформено предлози, односно секој може да има свои идеи во главата, почнувајќи од мене како прв меѓу еднаквите во СДСМ, и овластен предлагач согласно статусот на Социјалдемократскиот сојуз, но сето тоа е безвредно ако органите и телата како овластени предлагачи не го предложат пред самиот конгрес”, изјави Заев.

Филипче пак иако според многумина е во најтесниот избор за потпретседател вели дека за ова не разговарал со Заев. Но знаел дека претседателот на партијата ќе го направи најдобриот тим.

„Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега”, изјави Филипче.

Шекеринска пак потврди дека нема да биде дел од раководството на СДСМ на сите нивоа.

Слични содржини