Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска беше запрашана да прокоментира што ќе се случи со државата доколку се одлучи вработените на оваа институција да стапат во генерален штрајк.
-Овој процес на преговарање е доволен доказ дека ние не би сакале да влеземе во генерален штрајк. Направивме максимални напори во делот на разговори и процедура. Не ни сакам да помислам дека ќе стигнеме до таа фаза и неуспех на овој процес, рече Лукаревска на денешната прес-конференција, со која започна процесот на помирување помеѓу Управата за јавни приходи – работодавач и Синдикалната организација Солидарност.
Лукаревска нагласи дека немало никакви притисоци кон претходниот медијатор во процесот, кој побара иземање затоа што бил во странство и не можел да се врати за три дена, односно во рокот во кој треба да преговара со Министерството за финансии.
Нов помирувач меѓу Синдикатот и раководството на УЈП е Илија Манасиев.
Вработените во УЈП веќе три недели протестираат со барање да се почитува колективниот договор и да им се зголемат платите за 30 отсто исто како што тоа беше направено со вработените во Министерството за финансии, на што од Министерството дека е потребно автентично толкување на законот од страна на Собранието и донесување на системско решение за платите во јавниот сектор.