Денеска до полноќ треба да завршиме уште со попис во една бензиска пумпа. Таму оди потешко соработката со даночниот обврзник. Целиот капацитет од регионална дирекција Штип ќе биде вклучен во спроведувањето на пописот. Станува збор за посебна мрежа и за три познати бензиски пумпи од различни региони од државата, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска околу најавуваната истрага за компании од нафтениот бизнис кои затајувале данок.
Според директорката, по завршување на празниците и пописот, ќе соопштат соодветно известување на јавноста околу истрагата и преземените мерки.
На почетокот на декември 2023 година, првиот човек на УЈП истакна дека се во фаза на откривање на еден специфичен ланец на компании кои се обиделе да ја изиграат државата.
-За десетина дена ќе објавиме, работиме на специфичен ланец на нафтени компании кои се обиделе да го изиграат системот. Ние ќе ги споделиме сите факти и записници до надлежните компании, рече Лукаревска во дебатна емисија.
Според директорката на УЈП, имало обид да се сокрие данок во сметководствената евиденција.